Јувентус се подготвува за клучната фаза од преговорите за нов договор со напаѓачот Душан Влаховиќ, пренесува „Газета дело Спорт“. Според италијанските медиуми, директорите на „бјанконерите“ во наредните денови ќе одржат разговори со таткото на 26-годишниот српски фудбалер, на кои треба да се реши неговата иднина во клубот.
Договорот на Влаховиќ истекува на крајот од сезоната, а во клубот постојат поделени мислења околу неговата подготвеност да потпише нов договор. Евентуалното продолжување би значело дека Србинот ќе мора да прифати помала плата од сегашните 12 милиони евра годишно.
Последните информации од „Газета“ велат дека сè уште е поверојатно Влаховиќ да не постигне договор со Јувентус, бидејќи се надева на понуди од европски гиганти како Баерн Минхен и Барселона. Сепак, тренерот Лучијано Спалети сака да го задржи напаѓачот, а клубот засега ги следи желбите на искусниот италијански стратег.
Влаховиќ пропушти голем дел од сезоната поради повреди, но и покрај тоа има осум гола на 21 настап во сите натпреварувања. Во саботата тој погоди во првиот меч како стартер по повеќе од пет месеци, при победата од 0-1 против Лече.
На две кола пред крајот на сезоната во Серија А, Јувентус се наоѓа на третото место со 68 бодови, два помалку од второпласираниот Наполи, но на тимот ќе му биде потребен силен финиш за да обезбеди настап во Лига на шампиони следната сезона.

