Анри три години на клупата на Монако

Ексфудбалерот на Арсенал и Франција, Тиери Анри, се согласи на тригодишна соработка со Монако, откако ја презеде тренерската работа по отказот на Леонардо Жардим. Монако се наоѓа во незавидна позиција на почетокот од сезоната, по што управата реши дека е време за смена на шеф на стручниот штаб, а Анри беше и фаворит да застане на клупата на „кнезовите“.

Иако Французинот вчера беше со репрезентацијата на Белгија во победата над Швајцарија од 2-1 во Лигата на Нации, тој меч ќе остане како последен во неговата задача како помошник на Роберто Мартинез. Вчера во текот на денот веќе ставил потпис на договорот со Монако, а денес и официјално ќе биде промовиран за тренер на првата екипа.

Го очекува тешка задача, вицешампионот Монако по девет меча во францускиот шампионат се наоѓа на 18-тото место на табелата со само шест бода, со само една победа, три ремија и пет порази.

Анри својата фудбалска кариера ја започна токму во Монако, и со нив стана шампион на Франција во 1997 година. Се шпекулираше дека легендата на „топчиите“ ќе биде менаџер на англискиот второлигаш Астон Вила, но управата од овој клуб се одлучи за Дин Смит.

 

- Оглас -

Најнови вести