Хаосот во Реал продолжува: Валверде и Чуамени на работ на тепачка

Напнатоста во Реал Мадрид достигна врв во завршницата од сезоната, а лошата атмосфера во соблекувалната кулминираше со сериозен инцидент на последниот тренинг.

Според шпанскаta „Марка“, Федерико Валверде и Орелиен Чуамени биле на работ на физичка пресметка по жестока расправија, која дополнително ги разоткри длабоките поделби во тимот на Кралскиот клуб.

Сè започнало по еден остар дуел за време на тренинг-игра, по што ситуацијата брзо ескалирала. Двајцата фудбалери најпрво вербално се судриле, потоа дошло и до туркање и интензивна расправија, која не се смирила ниту по враќањето во соблекувалната, туку продолжила со исто темпо.

Овој инцидент само ја потврдил сериозната криза во тимот, кој се наоѓа во еден од најтешките периоди во последните сезони, без реални шанси за трофеи и со сè потензична внатрешна атмосфера. Дел од играчите наводно речиси и не комуницираат меѓусебно, што дополнително ја отежнува ситуацијата.

Дополнителен проблем е и односот со тренерот, каде што според информации, дури шестмина играчи не комуницираат со Алваро Арбелоа, што е резултат на акумулиран притисок и замор низ сезоната.

Ова не е изолиран случај, претходно бил забележан и конфликт меѓу Антонио Ридигер и Алваро Карерас, кој клубот се обиде да го минимизира, но јасно е дека тензиите се наталожуваат.

Сега, со новиот судир меѓу Валверде и Чуамени, ситуацијата добива уште поголема тежина, особено пред големото гостување кое следува.

Во недела ги очекува Ел Класико во Барселона, натпревар кој може дефинитивно да ја запечати сезоната. Домаќинот има шанса само со еден бод да ја осигури титулата, што би било тежок удар за Реал Мадрид во сезона обележана со тензии, замор и внатрешни поделби.

- Оглас -

Најнови вести