ФФМ: Судиите делеа правда без грешка во полуфиналето на Купот

Шкендија и Силекс се пласираа во финалето по денешните реванш полуфинални натпревари, а Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ги анализираше спорните моменти.

Според анализата на ФФМ, постоеле неколку предизвикувачки ситуации за судиите, но биле донесени правилни одлуки.

„На натпреварот во Куманово, помеѓу екипите на ФК Шкендија Арачиново и ФК Шкендија Тетово, во 90. минута беше покажан директен црвен картон за играчот со бр. 11 поради провокативни, неспортски и вулгарни гестикулации кон публиката (покажување среден прст), по што главниот судија на натпреварот, Стојанче Стојанов, по претходна одлична интервенција и соработка со вториот асистент судија Александар Ѓурковски, кој го забележа ова недозволено поведение на играчот, правилно покажа директен црвен картон.

На натпреварот во Кратово, помеѓу екипите на ФК Силекс и ГФК Охрид Лихнидос, имаше три судиски предизвикувачки ситуации во казнените простори.
Имено, првата ситуација беше во 24. минута од натпреварот, кога одбранбениот играч со бр. 23 на ГФК Охрид Лихнидос, во својот казнен простор, при обид да ја избие топката и да спречи противникот да игра со неа, го нагази противничкиот играч со бр. 8 на ФК Силекс, по што направи прекршок со газење. Главниот судија Игор Стојчевски беше во непосредна близина, имаше непречен агол и правилно го препозна прекршокот, санкционирајќи го правовремено со казнен удар.

Во 33. минута од првото полувреме се случи втората ситуација. Одбранбениот играч со бр. 6 на ГФК Охрид Лихнидос направи прекршок со очигледно држење/влечење на противничкиот играч со бр. 9 на ФК Силекс АД, кој беше во позиција пред одбранбениот играч и прв стигна до топката и ја одигра, но неконтролирано и под прекршок. Главниот судија, иако беше во непосредна близина и имаше добар агол, пропушти да го препознае прекршокот, по што следуваше правилна ВАР интервенција и по преглед на снимката на терен, беше донесена правилна одлука, односно казнен удар.

Третата ситуација беше во 62. минута, во казнениот простор на ФК Силекс, кога по една ниско нафрлена топка по левата страна во казнениот простор, истата беше сопрена со нога од одбранбениот играч на домашната екипа со бр. 7, по што топката од ногата се одби во неговата рака. Согласно инструкциите на УЕФА, во ситуации на дефлекција по одбиена топка од кој било дел од телото или главата на играчот во неговата рака, особено кога топката ја удира раката, а раката не е движена кон топката, нема прекршок за казнен удар, односно не е казниво ова случајно допирање на топката со раката на играчот. Правилна беше проценката на главниот судија дека нема елементи за казнен удар, а истата беше правилно проверена и потврдена од ВАР судиите.

Судискиот одбор изразува целосно задоволство од прикажаните судиски перформанси и доследната примена на Правилата на фудбалската игра на овие два исклучително значајни полуфинални Куп натпревари. Во текот на натпреварите беа донесени повеќе исправни и навремени одлуки во сложени ситуации, а беше задржан и конзистентен дисциплински критериум од страна на судиите, при што сите доделени жолти и црвени картони се во целост исправни и потврдени од ВАР судиите. Уште еднаш се потврди големото значење на ВАР технологијата во носењето правилни судиски одлуки и обезбедувањето регуларност на натпреварувањето“, се вели во анализата.

- Оглас -

Најнови вести