Аргентина покажа дека знае да победува и без Меси и Ди Марија (Видео)

Репрезентацијата на Аргентина без многу мака, со 3:0 славеше над Чиле, во меч од јужноамериканските квалификации за пласман на Светското првенство во 2026 година. Ова беше посебен дуел за Гаучосите затоа што за првпат по 11 години на теренот ги немаше ниту Лионел Меси, ниту Анхел ди Марија. Тоа се двајцата фудбалери кои речиси две децении се лидери во националниот состав. Ди Марија стави крај на репрезентативната кариера по завршувањето на Копа Америка, додека Меси е повреден.

„Сега и јас сум само еден плус навивач на Аргентина. Верувам дека овој тим ќе има уште многу успеси на Копа Америка и на Светските првенства затоа што во него играат многу добри момци“, порача Ди Марија.

И без двајцата лидери, Аргентина славеше, и тоа благодарение на головите постигнати во второто полувреме. Во 48-мата минута Мекалистер го скрши отпорот на гостите и погоди за 1:0, а во финишот на средбата погодуваа и Хулијан Алварес и Пауло Дибала.

По седум одиграни меча во квалификациите, Аргентина е лидер со 18 бода, пред Уругвај, кој има освоено 13 бода од шест средби, а потоа следуваат Колумбија со 12 бодови, Венецуела 9, Еквадор 8, Бразил 7…

- Оглас -

Најнови вести