Викендов што е зад нас, донесе шампионски радости за четворица македонски репрезентативци во лигите во кои што настапуваат.
Серафимов со Левски е шампион на Бугарија, симнувајќи го Лудогорец од тронот на кој беше дури 14 години по ред. Растодер како прв стрелец на Тун испиша историја, прва титула за овој клуб во 128-годишното постоење и првпат првак на Швајцарија стана тим кој една сезона претходно бил второлигаш. Шампионскиот пехар го кренаа и Шишковски и Ерера со Борац Бања Лука во првенството на Босна и Херцеговина.
Овие титули се позитивни и за македонската репрезентација, секогаш е подобро да се има играчи со победнички менталитет. Селекторот Седлоски не треба да се мисли дали да повика и играчи од Вардар и Шкендија за наредните дуели, еден од овие два клуба ќе биде првак во слабата во европски услови македонска лига, но сепак се шампиони и навикнати на победи.
Причина за задоволство ни приредија ракометарите на ГРК Охрид кои елиминираа некогашен европски првак во полуфиналето и ќе играат финале на ЕХФ купот. Честитки дојдоа и од ривалите Вардар, Еурофарм Пелистер, Алкалиод, тоа е нешто што му треба на македонскиот ракомет кој важи за најуспешен спорт во Македонија и луѓето го сакаат.
И вардарци уште се во Европа, но можеби само до утре кога е имаат неверојатно тешка задача да надоместат 10 голови негатива. Ако испаднат од Европската лига од Монпелје, утехата може да дојде во текот на неделата со победа во дерби и враќање на титулата првак на Македонија.
Во кошарката, ТФТ не успеа да се пласира во АБА лигата, поразен е во финалето на АБА 2, но ќе има уште една прилика во баражот со Борац Чачак кој истотака се игра во две добиени. Тафталиџани ќе мора добијат еден меч во Чачак што нема да биде лесно, но тоа што дојдоа до тука и што се зборува и пишува во регионот за нив, е плус за амбициозниот клуб.
Убава новина во кошарката може да биде враќањето на Струмица на прволигашката мапа. Градот кој дал многу репрезентативци и некогаш имаше и два прволигаши, заслужува да има тим во Суперлигата, но тоа да не биде само за една сезона.

