Ливерпул има серија од 12 натпревари без пораз, но шест од нив завршија нерешено, па столчето на Арне Слот сериозно се тресе. Црвените вечерва гостуваат кај Марсеј во меч од Лигата на шампионите, но на прес-конференцијата неизбежни беа прашањата околу иднината на холандскиот тренер и шпекулациите за Чаби Алонсо.
„Чаби Алонсо ми се јави за да ми каже дека ќе го преземе Ливерпул по шест месеци. Не, не, не… Ова е едно од најчудните прашања што некогаш сум ги добил. Што има да кажам? Работам тука веќе 18 месеци и ми се допаѓа мојата работа овде. Ја освоив лигата, оваа сезона имаме тешкотии, тоа е очигледно. Свирежите… можеби слушнав неколку, но не беа толку многу, а и нормално е – кога ќе одиграш нерешено со Барнли, никој не е задоволен од тоа. Но, кога луѓето си заминале дома, емоциите се смириле и можеби си рекле дека тоа било претерано“, рече Слот.
Секако, изјавата дека Чаби Алонсо му се јавил е саркастична и е одговор на шпекулациите кои кружат низ медиумите дека Шпанецот ќе биде новиот тренер на актуелниот шампион на Англија.

