Арсенал убедливо го доби Фулам и создаде огромен притисок врз Сити (Видео)

Фудбалерите на Арсенал испратија јасна порака дека сè уште не се откажале од шампионската трка во Премиер лигата, и покрај тоа што во изминатиот период ја прокоцкаа значајната предност во однос на Манчестер сити.


Тимот на Микел Артета, во паузата меѓу двата полуфинални дуела од Лигата на шампионите против Атлетико Мадрид, одигра исклучително важно градско дерби против Фулам и убедливо славеше со 3-0 на „Емирати“ во 35-тото коло.


Со овој триумф, Арсенал на три кола до крајот има 76 бодови и предност од шест бода пред Сити, иако Граѓаните имаат два натпревари помалку. Лондонскиот тим ја подобри и гол-разликата, која може да биде пресудна – моментално изнесува 67-26, додека Сити е на 66-29, што дополнително го зголемува притисокот врз тимот на Пеп Гвардиола.


Иако во последните месеци не блескаат како порано, Топчиите сè уште се во игра за титулата што ја чекаат веќе 22 години. Против Фулам го покажаа своето препознатливо лице од првиот дел од сезоната, кога создадоа солидна бодовна залиха.


Во центарот на вниманието беа Виктор Ѓокереш и Букајо Сака, кои практично го решија мечот уште пред паузата. Веќе во деветтата минута Сака проби по десната страна, го надмудри Раул Хименез и упати повратна топка во петерецот, каде Ѓокереш прецизно реагираше за водство од 1-0.


Арсенал продолжи со офанзивата и постојано создаваше шанси, а вториот погодок падна во 40-тата минута. Езе испрати одлична долга топка кон Ѓокереш, кој се ослободи од своите чувари и несебично го проигра Сака, оставајќи го во идеална позиција. Англискиот репрезентативец сигурно реализираше од околу 12 метри за 2-0.


Во судиското продолжение од првото полувреме следеше и третиот удар. Тросар поведе брза контра по левата страна, лесно се ослободи од Кастањ и центрираше, а Ѓокереш со прецизен удар со глава го совлада Бернд Лено за 3-0.


Во вториот дел темпото значително опадна. Артета реши да ги одмори главните играчи, па Сака и Ѓокереш беа повлечени од игра, а Арсенал рутински го контролираше натпреварот до крајот.


Лондонскиот тим можеше и поубедливо да слави, откако Калфиори ја погоди пречката во 80-тата минута, но и без тоа, Арсенал испрати силен сигнал дека борбата за титулата е далеку од завршена.

- Оглас -

Најнови вести