Комо пропушти шанса да се израмни бодовно со Јувентус и да се доближи до четвртото место на табелата во Серија А, откако одигра 0-0 против Наполи на домашен терен. Тимот на Антонио Конте останува на втората позиција со 70 бода.
Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас не доби шанса на овој меч и остана на клупата за резервни играчи.
Натпреварот започна со закана од Мектоминеј, кој се обиде од работ на шеснаесетникот, но неговиот удар беше блокиран. Веднаш потоа следуваше одлична можност на спротивната страна, Дувикас излезе сам пред голманот Вања Милинковиќ-Савиќ, го заобиколи, но во клучниот момент не успеа да реализира.
Во воведните дваесетина минути се играше претежно меѓу двата шеснаесетника, со неколку полушанси, додека Милинковиќ-Савиќ немаше посериозна интервенција. Најопасен кај Наполи беше Мектоминеј, кој покрај обидот од дистанца, се закани и со удар со глава по корнер, но топката заврши над голот.
Алисон Сантос пропушти ветувачка акција за Наполи со непрецизен шут, додека на другата страна Смолчиќ се обиде со глава, но не беше доволно прецизен. Комо имаше уште една солидна шанса преку Диао, но и тој беше запрен од расположениот Милинковиќ-Савиќ.
Вториот дел не донесе многу возбудувања во првите петнаесет минути. Се бележи обид на Карлос за Комо, како и ситуација во која Хојлунд падна во шеснаесетникот, барајќи пенал, но судијата остана нем.
Во 60-тата минута Диао повторно се најде во можност, но по центаршут од левата страна ја испрати топката со глава над голот. Само неколку минути подоцна се закани и Батурина, но неговиот удар беше одбранет со краен напор од Милинковиќ-Савиќ.
Најголемата шанса за Наполи дојде во 80-тата минута, кога Мектоминеј доби топка од левата страна, но не успеа да ја претвори во погодок во полн трк. Веќе во 84-та минута Политано се обиде од далечина, гаѓајќи го горниот лев агол, но топката заврши во стативата.

