Светскиот шампион во Формула 1, Британецот Ландо Норис, триумфираше на спринт-трката во Мајами, откако одличната стартна позиција ја претвори во сигурна победа. Возачот на Мекларен ја контролираше трката од почеток до крај, водејќи во сите 19 круга.
Ова беше совршен резултат за тимот, бидејќи второто место го освои неговиот тимски колега, Австралиецот Оскар Пјастри, со што Мекларен ги освои максималните бодови. На подиумот им се приклучи и Шарл Леклер од Ферари.
Иако низ целта мина како четвртопласиран, лидерот во генералниот пласман по три трки, Италијанецот Кими Антонели, беше казнет со пет секунди, по што падна на шестата позиција. Од тоа профитираше неговиот тимски колега Џорџ Расел, кој се искачи на четвртото место, додека петти заврши Макс Верстапен од Ред Бул.
Бодови освоија и Луис Хамилтон (Ферари) и Пјер Гасли (Алпин).
Во генералниот пласман, Антонели и натаму води со 75 бодови, пред Расел со 68, додека трет е Леклер со 55 бодови.
Подоцна вечерва следуваат и квалификациите за главната трка, кои започнуваат во 22 часот по средноевропско време.

