ПСЖ освои само бод во Париз пред гостувањето во Минхен (Видео)

Mеѓу два големи европски предизвици против Баерн Минхен за пласман во финалето од Лигата на шампионите, тимот на Пари Сен Жермен го пречека Лориен во 32-то коло од француската Лига 1 и ремизираше 2-2.

Парижани настапија во комбиниран состав, со повеќе ротации и одмор за клучните играчи. На клупата беа дел од ѕвездите како Дембеле и Кварацхелија, додека голманот Сафонов не беше ниту во протоколот. Тоа Лориен знаеше да го искористи и да извлече бод на „Паркот на принцовите“.

Домаќините поведоа уште во шестата минута. Дезире Дуе центрираше од левата страна во петерецот, а Ембаје најдобро се снајде и, и покрај двајца противнички играчи, ја смести топката во мрежата за 1-0.

Сепак, Лориен брзо возврати. Само шест минути подоцна, Кацерис нафрли од десната страна, топката долго патуваше низ шеснаесетникот, а збунетата одбрана на ПСЖ дозволи Паџис од близина да израмни на 1-1.

Тој резултат важеше до 62-та минута, кога домаќините изведоа воиграна акција по прекин. Дуе повторно асистираше, овојпат за Заир-Емери, кој од околу 20 метри упати прецизен удар по земја. Топката, сепак, го смени правецот по контакт со еден гостински играч и го измами голманот за 2-1.

Но, Лориен повторно не се предаде. Во 78-та минута Тосан тргна во брз контранапад и реализираше за конечни 2-2.

- Оглас -

Најнови вести