Арсиќ: МЗТ и Борац ќе прикажат ефикасна кошарка

Поранешниот македонски селектор, Јовица Арсиќ, како тренер на Борац Чачак утре ќе гостува кај МЗТ Скопје Аеродром во втората АБА-лига и ќе треба да атакува на победа за да се извади за неочекуваниот пораз во првото коло, дома од сараевски Спарс.

Дуелот на МЗТ и Борац е дерби во второто коло, средбата се игра во „Јане Сандански“, со почеток во 19 часот, и ќе биде сериозен тест за можностите на „штрковите“.

Арсиќ, кој има работено во репрезентацијата со некои од актуелните играчи на МЗТ, очекува Борац да одигра подобро отколку против Спарс, а во неговиот состав е и Ѓорѓе Мајсторовиќ, кој во минатата сезона го носеше дресот на МЗТ, па добро го познаваат противникот.

„Поразот од Спарс минатата недела не беше толку голем проблем колку што беше проблем начинот на којшто игравме. Лошо скокавме, шутот ни беше слаб, а тоа не е карактеристично за Борац. Се надевам дека утре ќе шутираме подобро за три поени. Поради стилот на игра кој го негува МЗТ, верувам дека на мечот ќе има голем број поени“, најавува Арсиќ, за кого ова е прва средба со МЗТ, по оној „пријателски“ меч кога дојде како тренер на Черкаски мавпи и во старата сала се случи голем инцидент и тепачка.

- Оглас -

Најнови вести