Артета: Кога Граѓаните ја освоија титулата, се запрашав дали сум вистинскиот човек за Арсенал

Екипата на Арсенал победи на 101-то издание на Комјунити шилд, со кој официјално започнува новата сезона во англискиот фудбал. Топчиите по подобро изведување пенали го совладаа англискиот шампион Манчестер сити, откако претходно во 11-та минута од продолжението постигна гол за 1:1.

Во пенал-рулетот, играчите на Сити, Родри и Кевин де Брујне, не успеаја да го совладаат Арон Рамсдејл и Арсенал по 17-ти пат во историјата триумфира во Комјунити шилд.

Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, по мечот откри дека на крајот од минатата сезона размислувал дали да остане на клупата на Топчиите или да си замине. Арсенал во најголем дел од сезоната беше лидер на табелата, но директните порази од Сити и уште неколку кикса, ги свртеа работите во корист на Сити, кој на крајот дојде до титулата со пет бода предност.

„Ми беше тешко во првите неколку недели откако Манчестер сити ја освои титулата. Прво што морате да направите е да се погледнете во огледало и да се запрашате дали можевте да направите нешто повеќе или нешто поинаку. Мора да се запрашате дали вие сте вистинската личност која ќе води екипита и дали ја имате енергијата за такво нешто. Ако одговорот е да, тогаш мора да извлечете поуки и да учите на грешките. Ми беше потребно време за размислување, но одговорот кој го донесов беше „Да“, изјави Артета.

- Оглас -

Најнови вести