Вардар проба ама не успеа, Монпелје го преживеа скопскиот пекол

Вардар 1961 е елиминиран во четвртфиналето на Европската лига. Францускиот Монпелје не дозволи во Скопје да загуби со 10 или повеќе голови разлика, па вечерашната победа на Вардар од 27-24 е само мала утеха за Црвено-црните.

Во 37-мата минута Вардар имаше седум гола предност и тогаш постоеше надеж дека може да се направи чудо и да се победи со двоцифрена разлика. Но, гостите предводени од голманот Дебоне не дозволија нивната негатива да продолжи да расте и втора година по ред ќе играат на фајналфорот на Европската лига во Хамбург.

Навивачите на Вардар веројатно уште долго ќе си го поставуваат прашањето на кое никогаш нема да добијат одговор: Каков ќе беше исходот во ова европско четвртфинале ако Јака Малус и Дмитро Хориха беа здрави и играа и на првиот меч во Монпелје?

Малус и Хориха вечерва заедно постигнаа 10 гола, тие голови фалеа пред една недела. Во секој случај публиката со песна ги поздрави своите миленици.

- Оглас -

Најнови вести