Артета: Уште ме боли што не ја освоивме Премиер лигата, многу пати помислив дека титулата е наша

Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, кој се одмора во неговата куќа на островот Мајорка, даде интервју за весникот „Марка“ во кое призна дека уште жали што неговиот тим ја испушти титулата во англиската Премиер лига.

Со Артета на клупата, вредноста на Топчиите е порасната, а тимот долго се бореше со Манчестер сити, и на крај ја загуби трката.

„Сега е време за одмор и поминување време со семејството, ова е единствениот период во годината кога на раат може да бидеме заедно. Додуша телефонот постојано ѕвони, во лето се случуваат трансфери, треба да се донесат одлуки“ – вели Артета.

Шпанецот уште кога му бил помошник на Пеп Гвардиола во Манчестер сити, забележал дека Арсенал има душа и идентитет, и посакал да биде тренер таму.

„Целта сезонава ни беше титулата, во Арсенал очекувањата секогаш се големи. И до ден денешен уште силно ме боли што не ја освоивме титулата после десетмесечна борба со Сити. Тоа е спортот. Ни фалеа многу работи. Повредите на важни играчи, и оние три ремија по ред, а на два од тие мечеви водевме со два гола разлика, беа клучни. Кога бевме комплетни, имавме константност. Кога за ривали ги имаш најдобриот тим и најдобриот тренер на светот, мора постојано да победуваш, а тоа не беше можно со повредите кои ги имавме. Во многу моменти го видов мојот тим како освојувач на Премиер лигата, верував во тоа, но не беше можно со повредите во клучниот дел од сезоната“ – раскажува Артета кој кога беше играч, и сега како тренер, на терен и покрај аут линијата, речиси никогаш не се смее.

„Фокусиран сум на мечевите и сконцентриран на тоа што треба да се случува на теренот. Можеби кога ќе остарам ќе станам порелаксиран, хахаха“ – вели секогаш сериозниот Артета, еден од четворицата Баскијци кои ќе работат како менаџери во Премиер лигата во слендата сезона, заедно со Лопетеги, Емери и Ираола.

- Оглас -

Најнови вести