Милан неочекиувано загуби пред своите навивачи со 2:3 од Аталанта во меч од 36 коло на италијанската Серија А. Росонерите со овој неуспех само потврдија дека се во криза и тоа во најважниот период од сезоната и сега имаат само четири бодови во последните пет кола.
По ова коло, Милан остана на 67 бодови и е на четвртото место на табелата, последно кое води пат во Лига на шампиони за следната сезона. Сепак, тука се и Рома со 67 бодови на петото место, додека Комо како шестопласиран има 65 бодови. Тоа значи дека во последните две кола ќе биде многу неизвесно.
Аталанта уште во првите 30 минути од мечот покажа дека е дојдена да победи на „Сан Сиро“ и со головите на Едерсон и Запакоста водеше со 2:0. Во 51 минута погоди и Распадори за убедливи 3:0, а Милан во последните минути од средбата даде два гола, но не успеа да се спаси од пораз.

