Македонскиот кошаркарски првак, МЗТ Скопје Аеродром, ќе оди по титули во домашната лига и Купот, како и во АБА 2 лигата, најавија тренерот Васко Атанасов и капитенот Дамјан Стојановски.
„Мислам дека оваа сезона ќе биде поинтересна од минатата. Сезонава ја започнавме минатиот викенд, со освојување на Супер купот. Добро е што го сочувавме костурот од тимот од минатата сезона, засилен со четворица странци и неколку квалитетни домашни играчи. Лично како тренер сум задоволен како беа одработени подготовките и контролните дуели. Го имаме составот што го посакувавме. За МЗТ како најголем клуб во Македонија целта е да се освојат сите трофеи во натпреварувањата во коишто што учествуваме“, најавува младиот стручњак.
Капитенот Дамјан Стојановски потври дека цел е освојување на титулите на домашна сцена, како и враќање во АБА 1 лигата.
„Целта е двојна круна дома и пласман во АБА-лигата. Верувам дека треба постојано да бидеме дел од ова регионално натпреварување“, смета кошаркарот со најдолг стаж во дресот на МЗТ.
Инаку, клубот се пофали и со нови спонзори за претстојната сезона.
„Чест ми е и задоволство да ги промовираме нашите спортски партнери, АТС груп и Зегин. Со нивна помош МЗТ и во новата сезона ќе се обиде достојно да се претстави на домашна сцена, каде што атакуваме на освојување нови трофеи, како и достојно претставување на меѓународна сцена“, рече спортскиот директор Филип Ѓоревски.