Трката почнува од нула: Сити во психолошка предност, Арсенал сите пет меча ги игра во Лондон

Манчестер сити и Арсенал на пет кола до крајот на Премиер лигата имаат ист број бодови и иста гол-разлика од плус 37. Исто е, ама не е исто. Пред само 12 дена, Арсенал имаше големи девет бодови предност, додуша и со еден одигран натпревар повеќе од Граѓаните.

Сега се израмнети, а психолошката предност е на страна на Сити кој е во налет и последниве години има освојувано титули, за разлика од Арсенал кој 22 години не бил првак и го има загубено шампионскиот менталитет.

Ако и на крај после 38 кола имаат ист број бодови, тогаш ќе решава гол-разликата. Ако и во тој елемент се изедначени како во моментов, тимот што постигнал повеќе голови ќе биде првак. Во моментов, Сити има дадено три гола повеќе од Арсенал и би бил шампион. Ако имаат и ист број постигнати голови, шампион ќе биде подобриот во меѓусебните дуели, а тоа е екипата од Манчестер.

Сити до крајот треба да игра дома со Кристал Палас, Брентфорд и Астон вила, а има гостувања кај Евертон и Борнмут. Ако ги добие сите, веројатно ќе биде шампион.

Во Арсенал веќе се во паника, а треба да мислат и полуфиналињата во Лигата на шампионите. За Топчиите позитивно е што сите пет лигашки меча до крајот ги играат во Лондон, немаат патувања, но гостувањата се кај Вест хем кој со сите сили се бори за опстанок и непредвидливиот Кристал палас. Арсенал дома игра со Њукасл, Фулам и Барнли.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име тука

- Оглас -

Најнови вести