Атанасов: За реваншот ќе се подготвуваме како да е 0-0

МЗТ Скопје Аеродром е на пола пат од пласман во полуфиналето на плејофот на АБА 2 лигата откако убедливо со 85:69 славеше над Широки Бријег во првиот меч. Реваншот ќе се игра на 17 април во Широки, а МЗТ ќе треба да ја одбрани позитивата од 16 поени.

Тренерот на Аеродромци, Васко Атанасов, беше пресреќен по триумфот во „Јане Сандански“, но додава дека засега е завршена пола од работата.

„Задоволен сум од играта, особено во второто полувреме, во кое дојдовме до посакуваната разлика дури и без Ејасу Ворку (играше само четири минути) и Бојан Крстевски, кои беа повредени. Ништо од ова немаше да се случи без фанатичната поддршка од трибините, на што им се заблагодарувам на нашите навивачи. Предноста веќе ништо не ни значи бидејќи за реваншот ќе се подготвуваме како да почнуваме од 0-0. Верувам во своите момци и мислам дека можеме да продолжиме во ваков ритам, секако со претходно одработување на задачата во македонското првенство“, вели Атанасов.

Пред реваншот со Широки, МЗТ Скопје Аеродром ќе игра против Гостивар в сабота (13 април) на домашен терен, во вториот дуел од четврт-финалето од плејофот во Македонија. Актуелниот првак има предност од 1:0 во победи во оваа серија.

- Оглас -

Најнови вести