Атланта покажа дека тимот не е само од еден играч (Видео)

Атланта хоукс убедливо со 110:88 триумфира над Милвоки бакс и израмни на 2:2 во победи, во финалето на Источната конференција. Јастребите беа без првата ѕвезда Тре Јанг, кој е повреден, а лидерската палка ја презедоа Лу Вилијамс и Богдан Богдановиќ. Вилијамс заврши со 21 поен, 8 асистенции и пет скока, а Богдановиќ зад себе запиша 20 поени и пет асистенции.

Вкупно шестмина играчи на Атланта имаа двоцифрен број на поени, а тренерот Нејт Мекмилан беше презадоволен од тоа како одигра неговиот тим. „Ова целосно беше тимска работа и тимска победа“, рече Мекмилан по мечот.

Атланта уште од стартот покажа дека сака да стигне до 2:2 во победи, па брзо поведе со 10:2, а потоа и со 15:5. Во првата четвртина, Милвоки два пати успеа да го израмни резултатот, но ниту еднаш не беше во позиција за води. На почетокот на втората четвртина, домаќините повторно заиграа посигурно и повторно имаа двоцифрена предност 39:28, а на почетокот на второто полувреме беше и 54:38 за Јастребите.

Во третата четвртина се случи не само клучниот момент за овој меч, туку можеби и за целата серија. Најдобриот играч на гостите, Јанис Адетокумбо, при еден доскок, го повреди левото колено и мораше предвреме да го напушти теренот. Без Јанис во тимот и со разиграни домашни кошаркари, јасно беше дека Милвоки нема да има шанси на овој меч.

Атланта брзо стигна до убедлива предност од 77:54 и уште во третата четвртина беше јасно кој ќе победи. Петиот меч се игра на теренот на Милвоки, а овојпат и Бакси сигурно ќе бидат без својот најдобар играч.

- Оглас -

Најнови вести