Бетис по 20 години обезбеди пласман во Лигата на шампионите (Видео)

Бетис обезбеди историски пласман во Лигата на шампионите, откако вечерва на „Ла Картуха“ го совлада Елче со 2-1 и математички го потврди петтото место во Ла Лига.


По поразот на Селта од Леванте само еден час претходно, на Бетис му беше потребна победа за и официјално да го завери местото во европската елита, и успеа во тоа.

Ова ќе биде само втор настап на андалузискиот клуб во Лигата на шампионите, по сезоната 2005/06, што значи дека Бетис се враќа меѓу најдобрите во Европа по точно 20 години.

Домашните одлично го отворија натпреварот и уште во деветтата минута Пабло Форналс асистираше за Кучо Ернандез, кој погоди за 1-0.

Сепак, Елче одигра храбро и заслужено стигна до израмнување. Во 41-та минута, позајмениот фудбалер од Барселона, Ектор Форт, шутираше, топката се одби од блок и заврши во мрежата за 1-1.

Клучниот момент се случи на стартот од второто полувреме, кога Перо заработи директен црвен картон по остар старт врз Антонио, оставајќи го Елче со играч помалку.

Бетис ја искористи бројчаната предност во 68-та минута, кога Пабло Форналс постигна фантастичен погодок со силен удар под гредата за 2-1.

До крајот, Кучо Ернандез пропушти уште една огромна шанса, но тоа не го спречи Бетис да ја сочува предноста и да започне големо славје во Севиља.

Во меѓувреме, драмата околу опстанокот станува неверојатна. Од 14-то до 18-то место дури пет екипи имаат по 39 бодови, Елче, Мајорка, Леванте, Еспањол и Жирона, додека Алавес има 37.

Шпанската лига влегува во една од најдраматичните битки за опстанок во својата историја.

- Оглас -

Најнови вести