Рускиот репрезентативец Павел Атман само неколку месеци остана во Вардар и нема по добро да го памти престојот во „Јане Сандански“. Русинот во изјава за руските медиуми откри зошто решил да си замине од Вардар и веќе е нов играч на Спартак Москва.
„Добив чисти документи од Вардар и веќе го реализирав трансферот во Спартак Москва. Иднината во клубот е неизвесна, а и на многу прашања нема одговор. Никој не знае до кога ќе биде вака. Мислам дека доколку продолжат проблемите, и другите ќе си заминат. Немам земено плата откако пристигнав во Вардар. Одлучивме да се вратиме во Москва затоа што ситуацијата во моето семејство е специфична, сопругата ми е бремена со второ дете и потребно беше да донесам одлука“, објасни Атман.
Денеска покрај Атман, официјално се потврди дека од клубот си замина и Даинис Криштопанс, а се најавува дека во следниот период ќе си одат и други ракометари.
Вардар в сабота во „Јане Сандански“ ќе игра против Мотор Запорожје во меч од групната фаза од Лигата на шампионите.