Остануваат уште 49 дена до почетокот на Светскто фудбалско првенство во САД, Мексико и Канада, а контроверзиите околу учеството на Иран продолжуваат поради воениот конфликт со САД.
Авторитетниот „Фајненшл тајмс“ објави дека висок претставник на претседателот Доналд Трамп побарал од ФИФА да го замени Иран со Италија.
Според информацијата, специјалниот претставник на САД, Паоло Замполи, го дал предлогот директно до претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, како и до самиот Трамп, во својство на претседател на една од земјите домаќини на Светското првенство во 2026 година.
„Потврдувам дека им предложив на Трамп и на Инфантино, Италија да го замени Иран на Светското првенство. Јас сум Италијанец и би било сон да ја видам на турнир организиран во САД. Со четири светски титули, тие имаат историја за да го оправдаат таквото учество“, изјави Замполи за „Фајненшл тајмс“.
Главната цел на иницијативата е подобрување на односите меѓу Трамп и италијанската премиерка Џорџа Мелони, кои беа влошени поради конфликтот со Иран и критиките на американскиот претседател кон папата Лав XIV.
И покрај претходните извештаи дека Иран може да го бојкотира турнирот по воените напади од страна на САД и Израел, Федерацијата на земјата издаде официјално соопштение дека тимот ќе учествува. Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, исто така беше категоричен:
„Иран ќе учествува на Светското првенство. Тие се квалификуваа, сакаат да играат и мора да играат.“

