Атомскиот напад на Русија беше нерешлива енигма за Холанѓаните во дербито од втората рунда во Е групата, па исходот е триумф на фаворитот од 3:0.
Се очекуваше неизвесна битка, но Русите од самиот старт наметнаа пеколно темпо за убедлива победа во три сета. Првиот го добија со 25:17 и прикажаа атомска одбојка, а продолжија во исто темпо и во следниот сет. Холанѓаните беа немоќни да се спротивстават на разиграната руска армада, се нижеа атрактивни поени и за час веќе беше 2:0 за подобриот ривал. Вториот сет заврши со резултат 25:16, а победата на фаворитот беше запечатена со уште еден извонредно одигран сет.
Последниот на мечот пак им припадна на Русите со 25:21 за конечна победа од 3:0 и доближување на чекор до пласман во завршницата. Русите сега имаат 13 поени, зад лидерот Италија со 15 и меч помалку и им се насмевнува пробив во завршниот сегмент, каде ќе почне и битката за медалите.
Таму веријатно ќе биде и Србија, по тешката победа од 3:2 во сетови против Франција. Во највозбудливиот меч досега во денешената програма Србите успеаја да освојат значајни бодови, а завршницата беше мошне интересна. Последниот решавачки сет заврши во корист на Србија со 18:16 во поени за победа од 3:2 (22:25, 26:24, 25:20, 18:25, 18:16).
И во останатите дуели што досега завршија славеа фаворитите. САД во локалното дерби ја надигра Канада со 3:1, а Бразил со 3:0 ја победи Австралија.