Август е месец на одбојката, сега следува турнирот „Чајка“, па Европското првенство

Селекциите на Македонија, Јапонија, Египет и Грција ќе учествуваат на 47-мото издание на традиционалниот одбојкарски турнир „Чајка“, а овие три меча ќе бидат генерална проба за избраниците на селекторот Јошко Миленкоски пред почетокот на ЕП, на кое и нашата земја е еден од домаќините.

Денеска одбојкарите со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, одржаа прес-конференција по повод овие настани.

„Овој август со право може да го наречеме месец на одбојката. Во Скопје ни следува „Чајка“, па натпревари од Европското првенство. Апел до компаниите да се вклучат во помагање на репрезентацијата, македонските одбојкари заслужуваат поддршка од сите. Тие цело лето се посветени на репрезентацијата, жртвувајќи го приватниот живот, се во насока на достојно претставување на Македонија“, рече Мојсовски, кој од ОФМ доби подарок дрес.

Селекторот Миленкоски вети максимално залагање на сите негови избраници кои ќе добијат шанса за настап, а капитенот Никола Ѓоргиев очекува најпрво да се освои трофејот на „Чајка“, а потоа по можност да се помине групата во Скопје и да се обезбеди пласман во втората фаза на ЕП.

„Гордост е да се носи македонскиот дрес. Одиме по трофејот на турнирот иако нема да биде лесно. Потоа целта ни е пласман во втората фаза на ЕП, тоа за нас ќе претставува како да сме го освоиле овој пехар кој е овде со нас, а наменет за победниците“, рече Ѓоргиев.

Турнирот „Чајка“ ќе се одржи од 18 до 20 август во „Борис Трајковски“ во Скопје, а и натпреварите на македонската репрезентација во групната фаза на Европското првенство ќе се играат исто така во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, од 30 август до 6 септември.

- Оглас -

Најнови вести