Австрискиот рекордер е претпазлив: Групата Б е опасна

Австрија денеска ќе ги почне натпреварите во групата Б на Европското ракометно првенство, чиј домаќин е заедно со Шведска и Норвешка. Противник ѝ е Чешка, а потоа ќе игра и со Украина и против Македонија.

Рекордерот во составот на Австријците, Роберт Вебер, им дава подеднакви шанси на сите четири селекции и вели дека ќе има битка до последен здив за двете позиции што водат понатаму.

„Ова е опасна група. Секој секого може да победи и затоа е многу важно да стартуваме со успех“, вели десното крило на Австријците.

Ветеранот има 34 години и е рекордер во овој состав на домаќинот речиси во сите категории, па неговото искуство ќе биде драгоцено за националниот тим.

Вебер има одиграно дури 175 натпревари за Австријците и е убедливо најдобар стрелец со 764 голови. Од него се очекува многу, па и Македонија ќе треба да внимава на него на 14 јануари, во последниот меч за двете селекции во првата фаза од шампионатот.

 

- Оглас -

Најнови вести