Бабиќ го надмудри Вујовиќ, Еурофарм Пелистер ја прекина доминацијата на Вардар во Суперкупот

Еурофарм Пелистер ја прекина доминацијата на Вардар во Суперкупот на Македонија и за првпат го освои пехарот по убедливата победа со 31:22.

Подобрата игра во второто полувреме на битолчани беше клуч на успехот за прекин на доминацијата на Вардар во Суперкупот со сите три победи во претходните три финалиња.

По првото полувреме што мина во изедначена игра ниту една екипа немаше предност, па во продолжението се тргна со резултат 14:14. Вардар на двапати имаше предност од три гола разлика, но сосема поинаква беше сликата во „Борис Трајковски“ во второто полувреме.

Ракометарите на Еурофарм Пелистер набрзина направија разлика од шест голови и до крајот на мечот успеваа да ја одржуваат и да ја зголемат разликата. Вардар се обиде да спречи пораз, „црвено-црните“ намалија на 21:25 во 48. минута, но немаа сили за пресврт и победа, што ќе им го донесеше и четвртиот трофеј во Суперкупот.

Сега тој е во витрините на големиот ривал од Битола, а Еурофарм Пелистер е единствениот тим покрај Вардар што победил во Суперкупот на Македонија.

Голманот на битолчани Мартон Секели имаше одлично деби за Еурофарм Пелистер со 12 одбрани, а постигна и еден гол. Мандалиниќ постигна 7 гола и беше најефикасен на мечот.

Ова беше и неуспешен кам-бек на Веселин Вујовиќ на клупата на Вардар, откако Црногорецот се врати како тренер на двојниот европски првак.

Двете екипи по настапот во Суперкупот ќе патуваат за Струга, каде ќе играат на традиционалниот ракометен турнир.

 

 

- Оглас -

Најнови вести