Баерн би го купил Мбапе, но нема пари

Претседателот на Баерн Минхен, Ули Хенес, смета дека клубот што ќе го купи Килијан Мбапе ќе влезе во сериозен финансиски проблем. Според Хенес, Баерн веднаш би го купил младиот француски напаѓач, но доколку Баварците финансиски би можеле да си го дозволат.

Мбапе од ПСЖ е прв стрелец во француската лига со 27 гола на 26 меча, со репрезентацијата летоска освои Светско првенство и важи за најдобриот млад фудбалер на светот, од кого се очекува да биде наследник на Кристијано Роналдо и Лионел Меси.

Шпекулациите за негово заминување од ПСЖ и преселба во Реал Мадрид се чести, а Хенес има интересно мислење за сумата која се спомнува.

„Веднаш би го купиле, одличен играч е, но немаме пари. Не е проблемот дали тој вреди толку, туку дали некој би потрошил толку пари без да влезе во финансиски проблем. Најскапата уметничка слика на светот вреди речиси 400 милиони евра. Дали вреди толку? Се разбира не. Но, ако некој многу сака да ја има и плати толку многу, тоа е негова одлука“, вели Хенес.

Баерн не е баш сиромашен клуб, за левиот бек Лукас Ернандес на Атлетико Мадрид му плати отштета од 80 милиони евра.

- Оглас -

Најнови вести