Баерн е најнепријатниот гостин кој некогаш е виден во Англија

Серж Гнабри и Роберт Левандовски му помогнаа на Баерн Минхен да испише историја и ќе им раскажуваат на своите деца и внуци дека играле во првиот тим кој некогаш постигнал дури 7 гола на гостување во земјата колевка на фудбалот, Англија.

Баерн беше и претходниот гостин рекордер со 5 гола во ЛШ против англиски клуб, колку што му даде на Арсенал пред две години.

Не само во Лигата на шампионите, туку во ниту едно меѓународно натпреварување не се случило англиски тим на свој терен да прими седум гола – до синоќа. Баерн го прегази Тотенхем со 7-2, а Гнабри даде 4 гола. Тој до синоќа не ни имаше дадено гол во ЛШ, а сега е на котата 4.

Четири гола на меч против англиски тим, во историјата постигнале само уште Шандор Кочиш во 1960 година против Вулверхемптон и Лионел Меси во 2010 против Арсенал. И толку. А, Гнабри стана и прв во историјата со четири гола во второ полувреме на меч од ЛШ.

Полјакот Левандовски сезонава има 13 гола на 10 меча. Тој синоќа го надмина Бензема, а се изедначи со Ван Нистелрој по бројот на голови во ЛШ. Му требаат пет за да го стигне Шевченко, а шест го делат од Герд Милер.

За Баерн, ова е втора седумка на гостување во ЛШ. Прва нивна жртва на која ѝ дадоа 7 гола беше Рома во октомври 2014 година.

- Оглас -

Најнови вести