Баерн можеби е на две победи од титула, Флик со подобри бројки од Гвардиола

Баерн Минхен попладнево има незгодно гостување кај Баер Леверкузен, но ако најтрофејниот германски клуб и актуелен лидер, слави, ќе дојде на неколку бода од нова титула. Следниот викенд, на 14-ти јуни, баварците се среќаваат со Борусија Менхенгладбах, па ако го добијат и тој меч после денешниот, може и математички ќе бидат недостижни за ривалите.

Тренерот на Баерн, Ханс Дитер Флик, кога го презеде кормилото како привремено решение, веројатно ниту самиот не веруваше дека ќе има биланс каков што немал ниту Пеп Гвардиола. Флик седна на клупата после 10-тото коло, кога Баерн беше четврти на табелата и клубот реши да го отпушти Нико Ковач, по срамниот пораз од Ајнтрахт од 1-5.

Само осум кола му требаа на Флик да го однесе Баерн на врвот. На 25 меча, билансот му е 22 победи, два порази и еден нерешен резултат. На пример, Гвардиола кога беше тренер на Баерн, на првите 25 дуели имаше 20 победи и три ремија и два порази, што е четири бода помалку од учинокот на Флик во сите натпреварувања. Гвардиола на првите 25 меча како тренер на Барселона каде се прослави, имаше „само“ 18 победи.

- Оглас -

Најнови вести