Борусија Дортмунд ќе остане без еден од своите најискусни дефанзивци откако Никлас Зуле донесе неочекувана одлука да стави крај на кариерата по завршувањето на сезоната.
Триесетгодишниот стопер, кој зад себе има 49 настапи за Германија, решил да се повлече поради долгогодишните проблеми со повредите. Во текот на кариерата претрпел дури 31 повреда, меѓу кои и две тешки повреди на предните вкрстени лигаменти на коленото.
Клучниот момент се случил на 18 април, за време на натпреварот против Хофенхајм, кога Зуле морал предвреме да го напушти теренот поради нов проблем со коленото. Токму тогаш почнал сериозно да размислува за крај на играчката кариера.
„Нашиот доктор веднаш направи тест во соблекувалната за да провери дали има кинење на лигаментите. Го погледнав физиотерапевтот и тој само ја затресе главата. Влегов под туш и плачев десет минути, убеден дека лигаментите повторно се скинати“, изјави Зуле.
Следниот ден магнетната резонанца покажала дека нема сериозно кинење, но дефанзивецот веќе ја донел конечната одлука.
„Кога ги добив резултатите, почувствував олеснување, но во себе веќе знаев дека мојата приказна завршува“, откри германскиот фудбалер.

