Баерн се посрамоти, водеше 2:0 па загуби 2:3, Баер Леверкузен во следното коло може да стане шампион

Баерн Минхен приреди уште едно разочарување на своите навивачи откако загуби на гостувањето кај Хајденхајм со 3:2 во меч на кој најтрофејниот германски клуб водеше со 2:0 на полувреме. Баварскиот гигант добро започна и со головите на Кејн и Гнабри имаше сигурно водство од 2:0 по 45 минути игра.

Малку кој веруваше, но домаќините фудбалери на Хајденхајм во вториот дел направија пресврт. Во рок од само две минути Сеса и Клинденст погодија за 2:2, а комплетирање на пресвртот се случи во 79 минута кога Клинденст беше прецизен и по втор пат, овојпат за 3:2.

За разлика од Баерн Минхен, Баер Леверкузен продолжува да победува. На гостувањето во Берлин кај Унион, Фармацевтите славеа со 1:0, благодарение на голот на Вирц од пенал во последните моменти од првиот дел.

По ова коло, Баер Леверкузен има 76 бодови, дури 16 повеќе од второпласираниот Баерн Минхен и тоа на шест кола до крајот. Во следното коло Баер во Леверкузен игра против Вердер и со победа, Фармацевтите и теоретски ќе ја обезбедат историската прва титула во Бундеслигата.

Елиф Елмас одигра 10-тина минути во финишот за Лајпциг на гостувањето кај Фрајбург, а неговиот тим победи со убедливи 4:1. Во останатите дуели Келн со 2:1 го победи Бохум, а Мајнц беше убедлив против Дармштат и победи со 4:0.

- Оглас -

Најнови вести