Сити дури 209 дена беше зад Арсенал, но вечерва има шанси да го запоседне врвот во Премиер лигата

Манчестер сити вечерва гостува кај Барнли во меч од 34-тото коло на англиската Премиер лига и со евентуална победа, Граѓаните ќе се искачат на врвот на табелата. Оваа сезона започна точно пред 249 дена, а Арсенал дури 209 дена е лидер на табелата. Сепак, сега во финишот на сезоната може да се случи Топчиите да паднат на второто место.

Само пред неколку дена Сити со 2:1 го победи Арсенал во директен дуел и се приближи само на три бода зад директниот ривал во трка за трофејот. Во случај на победа на Сити вечерва против Барнли, двата тима ќе имаат по 70 бода. Арсенал моментално има гол-разлика од 63 дадени и 26 примени гола (плус 37), додека Сити е со гол-разлика од 65:29 (+36). Тоа значи дека доволно е Сити да победи минимално со 1:0 за да дојде до гол-разлика која ќе го одведе на чело на табелата.

„Арсенал повеќе од 200 дена е прв на табелата, а тоа покажува дека се добри и константни во играта. Ова е многу важен меч за нас затоа што може да се израмниме по бројот на освоени бодови со нив. Веќе не смееме да дозволиме да губиме бодови затоа што ќе биде многу тешко да се надополнат“, рече тренерот на Сити, Пеп Гвардиола, во пресрет на гостувањето кај Барнли.

Сити е апсолутен фаворит против Барнли, барем според традицијата на меѓусебните дуели. Во последните 15 средби на овие два ривали, Сити има дури 14 победи со гол-разлика од 51 даден и само четири примени голови. Барнли последен пат славеше над Манчестер сити на 14 март 2015 година со 1:0. Потоа наредија дури 18 порази и само едно реми.

- Оглас -

Најнови вести