Шкендија направи пресврт во второто полувреме и ја совлада Шкендија Арачиново со 3-2, иако по првиот дел имаше негатива од 1-2. Ова е епилогот на првиот полуфинален натпревар од Купот на Македонија, по кој прволигашот обезбеди еден гол предност пред реваншот кој ќе се одигра на 6 мај.
Домаќинот поведе во четвртата минута со голот на Трумчи од пенал, но Шкендија Арачиново погоди двапати во финишот на првиот дел. Нухија израмни во 30-тата минута, а Ливарека се погрижи за изненадување во 43-тата минута.
Сепак, фаворитот успеа да го сврти резултатот во второто полувреме. Ване Крстевски постигна израмнувачки гол за 2-2 во 54-тата минута, а Анес Мелиќи погоди за триумф во 69-тата минута.
До крајот, Шкендија Тетово имаше уште неколку шанси, но избраниците на Јетон Беќири не беа доволно ефикасни.

