Организаторите на ИКАС информираа дека натпреварувањето првично закажано за 18 и 19 април се одложува и ќе се одржи во нов термин во септември.
Како главна причина за ваквата одлука се наведуваат технички зафати на ХЕЦ Матка, односно ремонт на една од турбините. Поради тоа, во моментот не може да се обезбеди стабилен и доволен проток на вода на патеката, што е клучно за безбедно и регуларно одвивање на натпреварувањето.
„Одлуката е донесена поради технички причини, односно тековен ремонт на една од турбините, што го оневозможува потребниот проток на вода за одржување на настанот“, соопштија организаторите.
Воедно, тие потенцираа дека сите направени резервации од страна на натпреварувачите ќе останат валидни и за новиот термин во септември.
Од организацискиот одбор најавуваат дека во координација со надлежните институции ќе се вложат дополнителни напори за настанот да се реализира во подобри услови, со поголема посетеност и повисоко организациско ниво. Финансиска поддршка и оваа година е потврдена од Министерство за спорт.

