Победата на Баерн Минхен против Келн од 3:2 освен што значеше три бода за германскиот првак, донесе и еден необичен рекорд. Баварскиот гигант постави нов европски рекорд по голови на последователни натпревари меѓу најсилните пет европски првенства, според УЕФА коефициентот.
Со тоа што успеа да ја затресе мрежата на Келн, Баерн Минхен стигна до бројката од 74 средби едно по друго на кои постигнува барем еден гол. Претходниот рекорд беше на Реал Мадрид, кој во периодот од 2016 до 2017 година имаше 73 дуели на кои погодуваше барем по еднаш.
Низата од 74 меча на кои постигнува барем еден гол, Баерн ја започна од февруари 2020 година. Последен пат не дадоа гол на Лајпциг во ремито без голови 0:0 на 9 февруари лани. Во овие 74 средби, Баерн вкупно даде 215 погодоци, додека рекордот на Реал заврши со 200 голови.
Најмногу пати од Баерн настрада Борусија Дортмунд, која во овој период прими 14 голови, а потоа следуваат Ајнтрахт и Шалке со по 13 примени голови и Баер Леверкузен, кој 12 пати ја вадеше топката од својата мрежа во оваа рекордна низа на Баерн Минхен.

