Баерн им стави крај на шпекулациите за Хари Кејн

Баерн Минхен се огласи и им стави крај на гласините околу иднината на својот напаѓач Хари Кејн. Спортскиот директор Кристоф Фројнд потврди дека англискиот голгетер ќе остане во клубот и следната сезона. Ова е откако се појавија шпекулации за негово можно враќање во Премиер лигата ова лето.

Кејн пристигна во Минхен летото 2023 година од Тотенхем за 100 милиони евра, носејќи репутација на еден од најдобрите напаѓачи во светот, но и на играч кој никогаш во кариерата не освоил трофеј. Тоа се промени оваа сезона, кога заедно со Баерн ја освои титулата во Бундеслигата, придонесувајќи како најдобар стрелец на тимот со 24 гола и девет асистенции во 29 натпревари.

Со тоа Кејн го освои својот прв сениорски трофеј во кариерата, откако претходно со Тотенхем беше финалист во Лигата на шампионите (2018/19) и двапати во ЕФЛ купот. За лондонскиот клуб одигра 435 натпревари и постигна 280 гола со 62 асистенции.

Во првата сезона во Баерн, иако тимот не успеа да освои ниту еден трофеј (елиминации во Купот, Суперкупот и ЛШ), Кејн беше извонреден, постигна вкупно 44 гола во 45 натпревари. Веќе во втората сезона со клубот стигна до посакуваниот пехар и најави нова борба за титули.

„Едвај чекам да бидам на „Алијанц арената“ во сабота и да славиме со навивачите. А потоа, како секогаш, гледаме кон следниот предизвик. Ќе се обидеме да освоиме уште една титула“, порача Кејн, испраќајќи јасна порака дека неговата мисија во Баерн не е завршена.

- Оглас -

Најнови вести