Пепелашка во Париз – Мартина ја победи анорексијата, може да победи и на Ролан Гарос

Мартина Тревизан е вистинска хероина во тенискиот свет, а утре попладне ќе го игра најголемиот меч во кариерата, за полуфинале на Ролан Гарос, против сензационалната Ига Свјатек од Полска.

Тревизан е најниско рангираната тенисерка што остана во игра за скапоцениот пехар во Париз. Против себе ќе ја има 19-годишната фаворитка од Полска, која ја декласира Симона Халеп со 6:1, 6:2 и ја приреди најголемата сензација на турнирот. Халеп е шампионка во Париз од 2018 година и беше прва носителка на ова издание.

Свјатек е подоброрангирана од Тревизан, но што и да стори, дамата од Фиренца веќе е победничка со нејзината неверојатна животна приказна.

Мартина мина низ вистинска голгота за да стигне до меч за полуфинале на гренслем-турнир, а најважната битка ѝ беше на тинејџерски години кога имаше проблем со анорексијата.

На 15-годишна возраст одеднаш престана да јаде, сакајќи да ја достигне според неа идеалната тежина и изглед на телото.

„На почеток едвај јадев по 30 грама житарици и парче овошје, а потоа ни толку. Имав 46 килограми и постојано губев тежина, но и така не бев задоволна од изгледот. За среќа, имав помош во вистински час во битката со анорексијата пред да биде предоцна“, пишуваше како блогерка, раскажувајќи ја својата битка со анорексијата, Мартина Тревизан.

Заврши и на Клиниката „Стела Марис“ и успеа да се извлече навреме, па продолжи со тенис, иако во тој период сакаше и конечно да се откаже.

Во 2014 година го објави својот камбек на тениските терени, а утре на 26-годишна возраст ќе се обиде како 159-торангирана тенисерка на светот да направи чудо и да се пробие во полуфиналето на Ролан Гарос.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести