Балонот во Флорида од денеска лета кон највредниот прстен во Америка

Шампионскиот прстен во НБА-лигата веројатно е највредната награда во историјата на американскиот спорт, а ореолот на најсилната кошаркарска лига и нејзиниот рејтинг во светот на спортот го прави многу привлечно доигрувањето за титулата.

Вечерва во необични услови, во таканаречениот Балон во Флорида ќе почне плејофот за шампионскиот прстен во НБА-лигата, а судбината сакаше тие што беа виновни за прекинот на сезоната, Руди Гобер и Јута џез, да играат на премиерата од 19.30 часот против Денвер нагетс.

Несериозниот однос на центарот Гобер на почетокот на март, непосредно пред стартот на дуелот со Оклахома сити тандер и доцната објава дека има позитивен тест на корона-вирус предизвика прекин на шампионатот во НБА-лигата.

Тоа е веќе минато, Гобер се извини и играше по рестартот на сезоната во скратениот дел од регуларниот дел, па сега и тој и соиграчите очекуваат подвиг против подоброрангираниот Денвер нагетс.

Веднаш по премиерниот меч од 22 часот во нова шампионска авантура ќе тргне и актуелниот првак Торонто репторос против Бруклин нетс во првата рунда од плејофот во Источната конференција.

Кајл Лаури, Паскал Сијакам, Ван Флит и останатите сега се без помошта на Кавај Ленард, но имаат квалитет да бидат сериозен кандидат за одбрана на титулата.

Двојки, прво коло плејоф:

Исток – Милвоки – Орландо, Торонто – Бруклин, Бостон – Филаделфија, Индијана – Мајами.

Запад – Л.А лејкерс – Портланд, Л.А. клиперс – Далас, Денвер – Јута, Хјустон – Оклахома. 

 

 

- Оглас -

Најнови вести