Артета: Дојдовме тука за да го симнеме ПСЖ од европскиот трон

Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, изјави дека неговиот тим е подготвен за најголемиот предизвик во клупскиот фудбал и дека вечерва ќе се обиде да го симне од тронот Пари Сен Жермен и за првпат во својата историја да ја освои титулата во Лигата на шампионите.

Финалето ќе се игра во Будимпешта со почеток од 18 часот, а лондончани имаат можност на титулата во Премиер лигата, освоена пред неколку дена, да придодадат уште еден голем трофеј. Артета нагласи дека атмосферата во екипата е мирна и позитивна, а играчите се подготвени за големото финале.

„Противникот го брани трофејот, тие се шампиони и тоа го заслужија минатата сезона. Но, ние сме тука за да им го одземеме. Подготовките за финалето беа одлични и многу позитивни. Тука сме затоа што го заслуживме тоа, а треба да покажеме дека заслужуваме и да го освоиме трофејот“, изјави Артета.

Тој се осврна и на минатогодишниот полуфинален пораз токму од ПСЖ.

„Кога повторно ги гледав натпреварите од минатата сезона, бев многу задоволен од тоа што го видов. Сфатив колку блиску бевме до финалето и колку малку ни недостигаше. Тимот напредуваше во неколку важни сегменти и сега сме уште подобри“, истакна шпанскиот стратег.

Во однос на составот за финалето, Артета откри дека сè уште размислува за некои детали, но дека најголемиот дел од играчите се подготвени.

„Сите сакаат да играат. Каде и да погледнам, гледам радост и огромна желба да се биде на теренот. Ова е најголемиот натпревар во фудбалот и секој сака да биде дел од него. Јуриен Тимбер е подготвен и може да започне од првата минута. Подготвен е и Нони Мадуеке. Единствениот проблем е Бен Вајт“, откри Артета.

По освојувањето на титулата во Англија, апетитите во Арсенал дополнително пораснале.

„Амбицијата е уште поголема. Ја освоивме првата титула и сега ја сакаме и втората. Тоа треба да биде отскочна даска кон уште поголеми цели. Овој тим има квалитет и сакам играчите да бидат доволно самоуверени за да веруваат дека можеме да успееме“, порача тој.

На прашањето дали размислува за патот што го изминал до ова финале, Артета одговори:

„Живеам во сегашноста. Сакам да бидам со играчите и да сфатиме каде се наоѓаме. Направивме огромни чекори напред за да го заслужиме местото во ова финале.“

Шпанецот имаше пофални зборови и за капитенот Мартин Одегард.

„Мартин е човек на кого можете да му го доверите животот. Веројатно е најголемиот пример во соблекувалната. Ги поседува сите квалитети за да го води тимот на извонреден начин“, рече Артета.

- Оглас -

Најнови вести