Пред утрешниот натпревар против Македонија во Сараево, се одржа прес-конференција на која говореше селекторот на Босанците, Сергеј Барбарез, и ги откри своите очекувања.
„Ако не си сериозен и не ги прифаќаш сериозно тестовите, ќе изгубиш на секој натпревар. Не сакам никого да омаловажувам или да класифицирам, исто како што не сакам никој да ни го прави тоа нам. Македонија е многу сериозен противник со нов селектор и ова, секако, е важен натпревар и за нив како и оној со Турција за некој ден, тие дефинитивно ќе се обидат да го добијат натпреварот исто како што правиме и ние“, рече Барбарез.
Планот му е да им даде шанса на сите фудбалери, веројатно по едно полувреме.
„Не можете само да напаѓате или само да се браните цели 90 минути. Сигурно ќе играме и напад и одбрана. Овој натпревар е можност да видиме сè, да им дадеме на сите барем по полувреме, тоа е идејата. Да се одморат некои играчи кои имаат проблеми и да не се преземаат никакви ризици, но да играме сериозно“, додаде Барбарез.
Македонскиот селектор Гоце Седлоски ќе има прес од 18.30 часот, а тренингот на Црвено-жолтите е од 19 часот. Мечот се игра утре од 20.30, на популарното „Кошево“. Информациите се дека сите билети се продадени и трибините ќе бидат исполнети. Ова е единствен меч на БиХ дома пред заминувањето на Светското првенство во САД.
„Луѓето препознаа дека даваме 100 проценти. Многу ми значи кога стадионот е полн, по подолго време ќе биде полн стадионот во Сараево. Мислам дека тимот заслужи ваква поддршка“, заклучи некогашниот репрезентативец, а сега селектор на Змејовите.

