Барса го извозе Бакамбу по аеродроми и не го купи

Седрик Бакамбу имаше неверојатна авантура без хепиенд и засега останува без трансфер во Барселона, иако шансите постојат.

Напаѓачот игра во Кина, а доби дозвола од клубот Пекинг Синобо Гуан да отпатува за Барселона за да го заврши најавениот трансфер во гигантот и актуелен првак на Шпанија.

Сопственикот на клубот и агентот на Бакамбу му соопштиле дека трансферот е пред реализација, а фудбалерот доби студен туш кога од Кина слета во Хонгконг. Доби повик од Ерик Абидал дека трансферот засега е стопиран и воопшто да не се мачи да патува до Барселона.

Каталонците имаат мака во шпицот по повредата на Луис Суарес и бараат брзо решение за засилување на офанзивата во овој преоден рок.

Шпанските медиуми објавуваат дека не е сè загубено и дека е можно сепак Бакамбу да слета на „Камп ноу“.

Седрик е роден во Франција, но игра за селекцијата на ДР Конго, а има искуство со настапи во Шпанија. Играше за Вилјареал од 2015 до 2018 година и на 75 меча постигна 32 гола.

- Оглас -

Најнови вести