Барса летово нема да ги купи Лаутаро и Нејмар, а го потврди останувањето на тренерот Сетјен

Претседателот на Барселона, Хосеп Марија Бартомеу, стави точка на шпекулации за враќање на Нејмар или доведување на Лаутаро Мартинес, и вели дека летово нема шанса да биде ангажиран некој од овие двајца фудбалери. Барса од март до јуни загубила 200 милиони евра, и финансиската состојба на клубот не дозволува да се трошат пари за скапи играчи. Од друга страна, Бартомеу најавува дека и во следната сезона екипата ќе ја води Кике Сетјен, кој не е баш омилен меѓу играчите.

Лионел Меси не го сака многу Сетјен, а ги бараше Нејмар и Лаутаро, па ова интервју нема да му се допадне.

„Имавме разговори со Интер околу Лаутаро, но тие се ставени на чекање. Моментната ситуација не ни дозволува големи трошоци за трансфери. Во моментов, не може да дојде ни Нејмар. ПСЖ не сака да го продаде, што има смисол, тој е еден од најдобрите на светот. Лани многу се трудевме да го вратиме, а ова лето нема ни да се обидеме. Од март до јуни загубивме 200 милиони евра и ако нема луѓе на трибините, фан шопот и во музејот, ќе мора да ги ревидираме плановите за трошење“ – открива Бартомеу.

Првиот човек на каталонците уште му верува на тренерот Кике Сетјен, и покрај загубената титула во Ла Лига.

„Не размислуваме за тренерска смена. Тешко е да му се суди после само неколку месеци работа и тоа среде пандемија. Како што кажа Видал, тој и играчите немаа доволно време да работат заедно и да се запознаат подобро“ – вели Бартомеу, кој е убеден дека некогашниот капитен Чави, еден ден сигурно ќе ја води Барса.

- Оглас -

Најнови вести