Борбата за фудбалската титула во македонското првенство дефинитивно ќе биде неизвесна до самиот финиш. Фактот дека во последното коло ќе играат Вардар и Шкендија, може да значи во директен дуел главните ривали да одлучуваат и со тоа да покажеме дека го имаме едно од најнеизвесните првенства во Европа.
Вардар како полека да се разбуди од „зимскиот сон“. Црвено-црните се мачеа речиси два месеца и не можеа да дадат повеќе од еден гол на меч, сега распукуваат. Ако пред десетина дена беше очекувана убедливата победа од 7:0 против Шкупи, тогаш потврда дека најтрофејниот фудбалски клуб е на вистински правец кон нова титула е вчерашната игра против Тиквеш на Арената „Тодор Проески“.
Вардар и вчера беше убедлив и со 7:0 славеше над Тиквеш. Гостите од Кавадарци имаат комоција барем кога се работи за зоната за испаѓање, па во Скопје како да беа дојдени како „туристи“. Со подмладен тим Тиквеш немаше шанси да парира за главниот фаворит за освојување на титулата, па Вардар вторпат во помалку од 10 дена го испрати ривалот со „седмица“. Вакви резултати, односно две победи со по 7:0 на Црвено-црните не се паметат уште од времето на првите години на македонското првенство, кога Вардар беше доминантен и убедливо ги освојуваше титулите во првенството.

Успешна измината недела имавме во ракометот, а необично, но во преден план не се ниту Вардар, ниту Еурофарм Пелистер, а ниту Алкалод. Екипата на Охрид го играше првиот меч од полуфиналето против Целје на гости и загуби минимално со 27:26. Тоа е резултат кој дава одлични шанси дека во реваншот во Охрид, македонскиот тим може да ја анулира оваа негатива и на крајот да се избори за влез во финалето на ЕХФ Европскиот куп, каде што актуелен освојувач е Алкалоид.
Од ракометот, одлична приказна изминативе денови е и училишното светско првенство. Македонија е домаќин на повеќе од 700 млади ракометари од целиот свет, а организацијата е одлична. Освен организациски, Македонија одлично котира и на резултатски план. Кадетите и кадетките на Македонија се пласираа во полуфиналето и денеска играат за место во финалињата во двете конкуренции. Без разлика на денешните резултати, Македонија покажа дека има ракометна иднина, но и организациски капацитет да организира еден ваков убав и голем настан.

