Милан и Јувентус одиграа досаден меч, но тренерите на двата тима се задоволни

Милан и Јувентус ремизираа без голови на „Сан Сиро“ во меч на кој двете екипи имаа главна цел да бидат меѓу најдобрите четири на табелата во Серија А за да обезбедат место во Лигата на шампионите за следната сезона. По ова реми, Милан остана трет со 67 бода, а Јувентус е на четвртото место со 64 бода. Екипите на Комо и Рома со по 61 бод чекаат од заднина.

По мечот, тренерот на Јувентус, Лучано Спалети, беше задоволен од освоениот бод.

„Морате да бидете претпазливи кога играте против Милан бидејќи против нив имате чувство дека имате целосна контрола, а потоа тие одеднаш со тројца-четворица играчи тргнуваат во контранапад и може да го загрозат вашиот гол. Опасност е кога се чувствувате удобро против нив. Имавме неколку ситуации во кои можевме да одиграме подобро во нападот, но противникот одлично се бранеше. Борбата за место во Топ 4 останува до самиот финиш на сезоната“, рече Лучано Спалети.

Задоволен беше и предводникот на Милан, Масимилијано Алегри.

„Беше многу израмнет меч и на крајот резултатот е реален. Тактички дуел со голем влог за двата тима. Имавме неколку шанси, но и Јувентус имаше. Можевме да бидеме задоволни од освоениот бод затоа што со тоа направивме уште еден мал чекор напред. Математички, сега ни фалат само шест бода за да ја постигнеме нашата цел. Тоа значи дека ни фалат само уште две победи“, рече Алегри.

- Оглас -

Најнови вести