Барса тргнува во нова авантура со кредит од 1,5 милијарди евра, ќе блесне новиот „Камп ноу“ (Видео)

Барселона тргнува во нова авантура, што ќе чини неверојатни една и пол милијарда евра, а во фокусот ќе биде обновата на нивниот фудбалски храм, „Камп ноу“.

На вчерашниот референдум, на кој гласаа 44 отсто од членовите на клубот, дури 87,8 проценти го поддржаа планот да се земе кредит од „Голдман сакс“ тежок 1,5 милијарди евра, кој ќе се враќа во период од 35 години.

Се тргнува во проектот наречен „Еспаи Барса“, кој беше изработен во 2014 година, а предвидува обнова на „Камп ноу“ и изградба на хотели, административни објекти, паркинг и дооплнително екипирање и уредување на целиот простор во Кампусот на Барселона.

Според планот, стадионот со новиот лик би требало да биде пуштен во употреба во финишот на 2025 година, а ќе се прошири и капацитетот на „Камп ноу“ на 105 илјади места.

 

Според планот со обновениот капацитет, Барселона би имала дополнителни 200 милиони евра приход на годишно ниво, пари што ќе бидат основа во враќањето на долгот кон „Голдман Сакс“.

Барселона претходно од инвестициската фирма од САД зеде и кредит за рефинансирање, односно за да ја подобри солвентноста во вредност од речиси 600 милиони евра.

- Оглас -

Најнови вести