Над 700 дечиња беа дел од „Денот на спортот“ во Охрид. Плазма Спортските игри за млади и езерскиот град се покажаа како совршена комбинација. Токму од градот на УНЕСКО беше испратена порака преку Zero Waste – „Биди дел од играта – да ја заштитиме нашата планета“.
Ова е уникатен проект, создаден со долгогодишниот партнер на Плазма Спортските игри за млади, Coca-Cola, кој креативно ги едуцира младите преку игра и спорт, овозможувајќи им полесно и поприродно да усвојат корисни навики и да ги применуваат во секојдневниот живот. Едукативниот квиз ги охрабрува да размислуваат логично, да пронаоѓаат причини и решенија за предизвиците поврзани со одржливиот развој, додека спортскиот дел е посветен на практично учење за селекција на отпадот на полигонот СИМ.

Coca-Cola со оваа кампања има цел да придонесе за позитивно влијание врз животната средина и да понуди решенија за предизвиците поврзани со пакувањето, во рамки на повеќегодишниот проект „Свет без отпад“. По интерактивната едукација, децата и младите се натпреваруваат на едукативен полигон, а за најдобрите се обезбедени награди.
Победници во третото издание на Zero Waste се „Прличевци“, кои одлично го поминаа полигонот, каде што сите натпреварувачи имаа поддршка и од маскотата Виктор. „Симовци“ се натпреваруваа во Coca Cola Cup 2011, фудбал 2015, ракомет, баскет 3х3, одбојка и народна, покажаа уникатни вештини и натпреварувачки дух. Атмосферата беше неверојатна, ферплеј-играта и пријателствата беа во прв план.

Драган Бочески, поранешен фудбалер на Охрид, Вардар и Пелистер, а денес тренер во младинските категории на ГФК Охрид Лихнидос, заедно со македонскиот боксерски репрезентативец Наум Стојаноски и капитенот на ГРК Охрид, Иван Тасески, кој оваа сезона со својот тим го освои ЕХФ Европскиот куп, го донесоа факелот и симболично го означија почетокот на Плазма Спортските игри за млади во Охрид.
Претседателката на Плазма Спортските игри за Македонија, Елена Мицковска, ја потенцира важноста на Охрид како град за развој на спортот. Таа му ја честиташе шампионската титула на ГРК Охрид во ЕХФ Европскиот куп, како и успешно реализираното јубилејно десетто издание на „Охрид трчаТ“.

„Драги деца, вашите насмевки се најдобар доказ дека ова што го правиме е вистинската работа и дека го правиме најдоброто за вас. Почитувани претставници на градот Охрид, почитувани колеги и колешки, драги деца, дозволете ми најнапред да им ја честитам титулата на ГРК Охрид во ЕХФ Европскиот куп. Навистина нè направија горди, не само вас, охриѓани, туку и сите нас, цела Македонија.
Честитки и за успешно организираниот настан „Охрид трчаТ“, јубилејно десетто издание, како и до градот Охрид и општината, кои уште еднаш покажаа дека вложуваат во спортот, го поддржуваат и се одлични домаќини и организатори.
Сакам да упатам искрена благодарност до Министерството за спорт, до премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, како и до нашите партнери и спонзори – Пивара, Плазма, Шпаркасе банка и Шпаркасе лизинг. Заедно успеавме да ги донесеме овие игри во Македонија, со една заедничка цел, сите вие да имате еднаква можност да учествувате и да се натпреварувате, без разлика дали активно се занимавате со спорт или не.
Тука сме да поттикнеме ферплеј, толеранција и дружење, нека победат најдобрите. Победниците од Државното првенство, односно 200 ученици, ќе имаат можност да учествуваат на големото меѓународно финале во Сплит, од 17 до 22 август.
Уживајте, натпреварувајте се, дружете се и понесете убави спомени со себе. Охрид е еден од најубавите градови и верувам дека ќе го паметите по прекрасни моменти. Ви посакувам убав и навистина спортски ден“, истакна Елена Мицковска.



