Барса „врза“ талент со 500 милиони евра клаузула, но може да остане без друг „бисер“

Барселона заврши голема работа со продолжувањето на договорот на 17-годишниот Алехандро Балде до јуни 2024 година, во кого се гледа како наследник на Жорди Алба на левата бековска позиција. Дека Каталонците ќе сметаат на Балде во иднина потврдува неговата огромна клаузула од 500 милиони евра.

Балде потекнува од познатата школа „Ла Масија“ и со сигурност ќе добие шанса од Роналд Куман во новата сезона, а веќе дебитираше за сениорскиот тим во контролката против Гимнастик.

Но, гигантот од „Камп ноу“ се соочува со проблеми околу Илаиш Мориба, големото откритие на Куман, кој исто така е производ на клупската академија. Бисерот на Барса, кој има само 18 години, минатата сезона се наметна во првиот тим и запиша 14 настапи со учинок од еден гол и три асистенции, па сега бара да му се зголеми платата.

Неговиот договор истекува идното лето, а Мориба уште сега добива понуди од Премиер лигата. Наводно Челзи и Манчестер сити се подготвени да ги поддржат неговите услови од шест милиони евра годишна плата, сума за која без проблем би чекал до почетокот на 2022 година за да може да преговара и да си замине без отштета.

- Оглас -

Најнови вести