Барселона како во април 2016 година, четири меча нема победа

Барселона ја продолжува серијата без победа во Примера дивисион. На гостувањето кај Валенсија, каталонсиот гигант одигра нерешено 1-1. Ова е четврти првенствен дуел на кој шампионот нема триумф. Лошата низа започна на „Камп ноу“, против Жирона (2-2), а потоа следуваше поразот од Леганес (2-1) и ремито со Атлетик Билбао (1-1). Сега повторно одигра нерешено, овојпат на гости кај Валенсија. Олку лош биланс Каталонците немале од април 2016 година, кога во првенството имаа едно реми и три порази.

Одбраната на Барселона повторно беше матирана, и тоа за помалку од 100 секунди игра. Гарај погоди во втората минута за водство на Валенсија. Лионел Меси со прекрасен удар од 20-тина метри израмни во 23-тата минута, што се покажа и како последен погодок на мечот.

За Меси ова беше 57-ми погодок кој го дава со удар надвор од шеснаесетникот. Ниту еден играч во топ 5 лигите нема повеќе погодоци од Меси во оваа декада постигнати надвор од казнениот простор.

Ремито на Барселона го искористи Севилја, која со победа против Селта Виго стигна до врвот на табелата во Примера. По 8 меча, Севилја е прва со 16 бодови, Барселона и Атлетико имаат по 15, а Реал Мадрид е на четвртото место со 14 бодови досега.

- Оглас -

Најнови вести