Барселона во финишот ја скрши Осасуна и може да стане шампион уште утре (Видео)

Барселона е на чекор до одбрана на шампионската титула во Шпанија откако ја победи Осасуна на гости со 1-2. Можно е математички да ја потврди веќе утре, наместо на 10 мај кога игра „Ел Класико“ против Реал Мадрид.

Каталонскиот гигант вечерва во 34-то коло од Ла Лига славеше на тешкото гостување кај Осасуна со 1-2 и сега има 88 бодови на врвот на табелата, дури 14 повеќе од Реал Мадрид, кој има и натпревар помалку.

За Барселона ситуацијата е јасна, доколку Реал утре не победи на гостувањето кај Еспањол, титулата е практично решена. Доколку пак мадриѓани слават, на Каталонците ќе им биде доволен и бод во директниот дуел за да ја потврдат шампионската круна.

Во првото полувреме Барса доминираше, создаваше шанси преку Левандовски, Дани Олмо и Мартин, но најголемата можност ја имаше Осасуна преку Анте Будимир, кој во 36-тата минута ја погоди стативата по соло-акција.

Во вториот дел притисокот на Барса се засили. Флик внесе свежина со Рашфорд, Феран Торес и Де Јонг, а наградата стигна во финишот.

Во 81-та минута Маркус Рашфорд асистираше прецизно од левата страна, а Роберт Левандовски со удар со глава од околу седум метри погоди за 0-1.

Само пет минути подоцна, по одлична акција, Феран Торес зголеми на 0-2 по асистенција на Фермин.

Осасуна сепак не се предаде и во 88-та минута преку Раул Гарсија намали на 1-2.

Во судиското продолжение двата тима имаа по една закана, но резултатот остана непроменет, Барселона си замина со огромни три бода и речиси сигурно со нов шампионски наслов.

- Оглас -

Најнови вести